Владата ќе прогласи кризна состојба
По вторпат годинава Владата треба да прогласи енергетска вонредна состојба за да може да го отвори кесето и од државната каса да префла пари до производителот на струја ЕСМ со кои ќе се купува јаглен и мазут.
Скоковите на цената на струјата креваат црвено знаменце за аларм, па затоа се очекува Владата да направи ваков чекор, а тоа е причината за мерките за штедење, вели за Канал 5 Професорот на Факултетот за електроника и информациски технологии, Антон Чаушевски.
Тој појаснува дека ако во изминатите три децении повеќе се размислуваше за домашно производство и се изградеше термо енергетска постојка немаше сега да плаќаме висока цена, што дали преку буцетот или паричникот, секако доаѓа од џебот на граѓаните.
Професорот Чаушевски не очекува мерките за штедење да дадат кој знае каков резултат, бидејќи контрола може да има само во државните институции, а секој домаќин ќе мисли и делува по сопствено убедување.
Од мерките за штедење, до граѓаните има само препораки во кои меѓудругото е вклучено, да не се става на најстудено фрижидерот, да не се грее на најсилно бојлерот, да се готви во помали садови за да не се употребуваат големите рингли, да се спуштаат ролетни кога е топло и тушот при бањање да тече послабо.
За државните институции сепак штедењето ќе биде обврска која ќе се контролира. Ова секако нема да важи за училиштата, градинките, а и државните болници.
Сепак Директорите на болниците кои ја минаа короната и се во долгови, велат дека ќе се трудат и тие да штедат во делот каде што тоа може да се направи.
Во меѓувреме, во однос на струјата Државниот завод за статистика излезе со податоци дека во јуни годинава 71,4 проценти од потрошената електрична енергија е од домашно производство, а 97,1 процент од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.
Во првите седум месеци од годинава АД ЕСМ произведе 15 проценти повеќе од лани, а зголемувањето, според соопштението од компанијата, се должи, пред се, на зголеменото производство во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40 проценти.
Инаку, се очекува Владата на седница попладнево пак да прогласи кризна состојба во енергетика, а одлуката ќе почне да се применува од 1 септември. Најави за рестрикции од надлежните засега нема.
Извор/Канал5