Skip to main content

Препораки за училиштата за спречување меѓуврсничко насилство

Владата усвои препораки за училиштата за подигнување на безбедноста

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги претстави владините препораки кои ќе бидат доставени до сите училиште и побара од засегнатите страни да ги почитуваат.
 |  инфодеск  | 
Препораки за училиштата

Владата на денешната седница усвои сет препораки наменети за училиштата со цел во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно за подигнуивање на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство, информира министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција во Владата.

Министерот ги претстави владините препораки кои ќе бидат доставени до сите училишта и општини и побара од засегнатите страни да ги почитуваат.

  • Сите локални самоуправи во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа,да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште.
  • Државниот совет за превенција на детско престапништво да достави информации за работата и колку општински совети за превенција се опфатени, a во следниот период да ја засили комуникацијата со Министерството за образование и наука во насока на преземање активности за градење на клима на доверба и добросостојба во училиштата, односно да се засилуваат превентивните мерки. Во активностите на општинските совети за превенција треба да се предвиди вклучување на Сојузот на средношколци.
  • Сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители/старатели на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишните објекти и околината. На состаноците да се отвори темата дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците како и да се размисли за надополнување на постоечките кодекси со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби. На овие состаноци родителите да се потсетат за законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот законик во делот на одговорностите при извршување на родителското право. Училиштата е потребно да го известат Министерството за образование и наука за присутноста од страна на родителите на овие состаноци. На овие состаноци секој поединец треба да се запознае со усвоените 10 препораки.
  • Во кризни ситуации кои можат негативно да влијаат на однесувањето на учениците, потребно е менаџментите, наставниците и стручните служби да одговорат соодветно, да дискутираат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат смирување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштето.
  • Основните и средни училишта да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата. Користење на мобилните телефони во училниците потребно е да се ограничи со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење и друго.
  • МОН и Бирото за развој на образованието треба да подготват листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенски/класен час помеѓу наставниците и учениците, а ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците. Како на пример Прирачници за животни вештини и Програмаза психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини.
  • Им се препорачува на општините и на Град Скопје во новата Годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите, односно старателите. Исто така, потребни се и активности за развивање на емоционални вештини и компетенции, за намалување од ризикот од психолошки нарушувања, појава на анксиозност и депресивност, а посебен фокус да има кон учениците кои се под зголемен ризик.
  • Директорите на училиштата да обезбедат континуирани и непречени услови за стручните служби да функционираат на училишната клима и да се грижат за менталното здравје на учениците;
  • Секое училиште да обезбеди простории за стручни соработници отворени за учениците и доколку имаат потреба, да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог;
  • МОН заедно со стручните соработници од основните и средните училишта, претставници од Сојузот на средношколците, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, ќе формира работна група која ќе треба да креира протоколи за работа и обезбедување поддршка при психосоцијално и ментално здравје на учениците.

Препораките почнуваат да важат веднаш.