Skip to main content

Министер за образование и наука

Во фаза е изработка на новиот закон за учебници

Од МОН посочуваат дека иницијативата за изработка на нов закон за учебници е со цел намалување на веројатноста за грешки и унапредување на квалитетот на содржината на учебниците за основно и средно образование.
 |  инфодеск  | 
Мон

Откако во јануари годинава најави дека во план е изработка на нов закон за учебници во основно и средно образование и ги повика сите заинтересирани да дадат свои сугестии за законското решение, Министерството за образование и наука (МОН) денеска информира дека во моментов се изготвува првата нацрт-верзија на законот.

Во работната група која учествува во изработката на новиот закон, вклучени се претставници на повеќе институции и чинители на воспитно-образовниот процес.

Во новото законско решение ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адресата на МОН, кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение што е основа за изработка на ново подобро решение – се вели во соопштението од МОН.

Од МОН посочуваат дека иницијативата за изработка на нов закон за учебници е со цел намалување на веројатноста за грешки и унапредување на квалитетот на содржината на учебниците за основно и средно образование.

Потребата од ново законско решение е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи – велат од Министерството за образование и наука.

Најавата за нов закон за учебници за основно и средно образование следува откако кон крајот на минатата година јавноста бурно реагираше на низата грешки и пропусти кои се најдоа во содржината во новите учебници чиј издавач е МОН.