Skip to main content

120 години од Илинденското востание и Крушевската Република

Во Крушево започнуваат чествувањата за Илинден

Централното чествување за Илинден е од 11:30 часот на 2 август, на Мечкин Камен. На народниот собир на Мечкин Камен ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери. 
 |  инфодеск  | 
120 Години Илинден

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината”, годинава, се одбележува 2-ри Август, Денот на Републиката – Илинден. 

Со отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ вечер на Гумење во Крушево и официјално почнува чествувањето на големиот празник Илинден.

На отворањето на манифестацијата ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Во рамките на чествувањата за Илинден, делегација денеска во 10 часот ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево, а пред споменикот на Дамјан Груев ќе положи свежи цвеќиња.

Во чест на големиот илинденски јубилеј, Државниот архив пред Македониумот ќе ја отвори изложбата на документи и фотографии насловена „120 години Илинденското востание – архивска меморија“.

Делегација од Манифестацијата ќе им оддаде почит на: Веле Марков, пред неговата биста, на Питу Гули, на неговото вечно почивалиште на Гумење, на Тоше Проески, на Илинденските востаници пред криптата и на борците од НОБ на партизанските гробишта.

Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ нуди богата програма и целовечерен концерт на повеќе изведувачи.

На 2 Август на празникот бројни делегации ќе се поклонат и ќе му оддадат почит на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев пред неговото вечно почивалиште во куполата од споменикот „Илинден“ на Гумење, во Македониумот. Делегацијата на Собранието, кое е покровител на годинашниве чествувања, ќе ја предводи претседателот на собранието Талат Џафери. Почит ќе им биде оддадена и на загинатите Илинденци пред споменикот во месноста „Слива“, а панихида за загинатите ќе се одржи во црквата „Свети Никола“.

Централното чествување за Илинден е од 11:30 часот на 2 август, на Мечкин Камен. На народниот собир на Мечкин Камен ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери. 

Шефот на државата Стево Пендаровски ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, а годинава во манастирот Прохор Пчински, Пендаорвски ќе биде пречекан од својот српски колега Вучиќ.

Премиерот Ковачевски на 2 Август ќе ја предводи делегацијата на Тврдината Кале во Скопје, а централниот настан ќе биде пред споменикот на Слободата „Сила, слава и победа”. 

Годинава се одбележуваат 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на државноста.

извор: Влада;МИА