Skip to main content

Македонска навигација

Во мирување одлуката за штрајк на контролорите на летање

Се очекува Надзорниот одбор во М-НАВ да ги спроведе насоките дадени од Владата со што ќе се официјализира смената на раководството во  националниот давател за воздухопловни услуги.
 |  инфодеск  | 

Штрајкот, што за денеска го најави Струковиот синдикат на контролори на летање, ставен во мирување. Ова доаѓа по одлуката на владата за смени на раководните позиции на М-НАВ, што беше главно барање на синдикатот.

„Владата на седница даде насока на надзорниот одбор да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ и на нивно место да бидат именувани Хекуран Асани, односно Милан Кораќ.“ – соопшти владината прес-служба по вчерашната седница на Владата.

Првично Владата даде насоки за нов директор на М-НАВ да биде именуван Илир Мехмеди, но експресно ја промени одлуката бидејќи истиот не ги исполнувал условите.

Владата на Агенцијата за цивилно воздухопловство и препорачала да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“, се вели во владиното соопштение.

Се очекува Надзорниот одбор во М-НАВ да ги спроведе насоките дадени од Владата со што ќе се официјализира смената на раководството во  националниот давател за воздухопловни услуги.