Во сабота ќе се полага првиот екстерен испит
Државниот испитен центар (ДИЦ) објави дека за јунската сесија се пријавени 10 088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.
Испитниот материјал ќе им биде доставен на училиштата утрото во деновите кога ќе биде полагањето, а почетокот на тестирањето за двата испита ќе биде во 10 часот. Полагањето ќе го надгледуваат околу 2000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.
Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1356 кандидати за математика, 13 198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија. Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.