Врнежи од снег во дел од државата
Центарот за управување со кризи соопштува дека врнежите од снег се присутни од утринските часови во Куманово, Стража, Маврово, Ресен, Буково, Железнец, Павлешенци, Делчево, Смојмирово и Кула, се со слаб интензитет и не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Коловозите се влажни, опесочени и проодни. Можна е појава на поситни одрони по усеците и клисурите. Дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“ се на терен и редовно ги контролираат и расчистуваат сите патни правци.
Според Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), отежнат сообраќај поради остатоци од кашест снег на коловозот има на планинските превои Стража, Маврово и Попова Шапка, како последица на врнежите од снег во текот на изминатата ноќ, но нема забрани и застои. Се препорачува внимателност на патните правци низ клисурите и планинските превои.
Од Управата за хидрометеролошки работи – УХМР информираат дека во текот на денов ќе нема интензивни снежни врнежи. Снегот ќе продолжи да паѓа во југозападниот дел од државата, како и на повисоките места и планините, а на пониските места се очекуваат врнежи од дожд и снег. Температурата во целата држава ќе се движи од нула до шест степени, а во Скопје од нула до четири степени. Кон крајот на денот, во текот на ноќта и утре, според прогнозите, снег ќе паѓа во целата држава, но не со голем интензитет. Поинтензивни снежни врнежи ќе има од ноќта меѓу среда и четврток, кога се очекува да се формира снежна покривка на повеќе места.
{loadposition content9}