„Wizz Air“ со три нови летови од скопскиот аеродром
Со три нови дестинации е збогатена понудата на унгарската ниско буџетна авио компанија Виз Ер.
Со три нови дестинации е збогатена понудата на унгарската ниско буџетна авио компанија Виз Ер.
Минатата недела од Скопје стартуваа нови линии до европските градови Берлин, Копенхаген и Братислава со кои, според надлежните, дополнително ќе се поттикне развојот на бизнисот и туризмот. Авионите ќе сообраќаат два пати неделно, а цените на билетите ќе почнуваат од 899 денари. За Македонија од особено значење е отворањето на линијата до словачката престолнина што е прво воздушно поврзување на двата града од воспоставувањето на меѓусебните дипломатски односи.
Македонската Влада и „Визер“ во 2012 година договорија финансиска поддршка на нови авиолинии, а веќе е постигнат и договор за вработување македонски пилоти. Во програмата на „Визер“ овозможена е обука за професионални пилоти за воздухопловите „Ербас 320“, каде веќе се обучуваат четворица македонски пилоти.
Првиот лет на Визер од Скопје се случи во јуни 2011 година. Во 2012 –тата пак беа отворени линиите кон Милано, Ајндховен, Минхен, Дортмунт, Малме и Базел. Истата година авио компанијата воспостави своја база во земјава и сега има три воздухоплови и 75 вработени со седиште во Скопје. Во јуни, лани, Визер почна со летови и од охридскиот аеродром кон Базел и Лондон. Директни летови од Скопје има до Париз, Брисел и Франкфурт, а минатата година беа воведени и линиите за Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридихшафен. Надлежните најавуваат нова линија до германскиот град Хамбург која ќе стартува на 20 јуни годинава. Преку ефтините летови „Виз ер“ ја поврза Македонија со 24 градови во 11 европски земји.