Skip to main content

Цените намалени, граѓаните велат недоволно за да се почувствува

Со ограничување на трговските маржи цените на повеќе категории производи се намалени, но граѓаните сметаат дека тоа е премалку за да го почувствуваат на тенкиот семеен буџет. Иако статистиката покажа раст на инфлацијата на стартот на годинава, екепертите сметаат дека краткорочно мерките ќе имаат ефект. Но, тоа зависи од институционалната подготвеност тие да се спроведат.
 |  инфодеск  | 

Намалување на цените охриѓани велат дека малку или воопшто нема по маркетите по стапувањето на сила на владините мерки за замрзнување на цената на основните продукти и намалување на маржите на 100 групи на производи.

Дел од граѓаните веќе не обрнуваат внимание дали се означени производите со намалена цена, оние со помали примања велат дека и покрај разните мерки за зауздување на цените, едвај преживуваат.

  • Јас немам забележано дали се намалени цените, ниту се интересирам веќе. Што ми треба ќе купам и тоа е, вели еден пензионер.
  • Можеби има намалување но јас не осетив. Не е нешто многу поевтинето за да се осети, вели една охриѓанка.
  • Само се залажуваме. Цените се астрономски, а платите и пензиите минимални. Да ги платиш сметките и да купиш лекарства, отишла пензијата, вели една пензионерка.
  • Се чувствува одредено намалување. Но во оваа економска криза со примањата што ги имаме, надлежните да реагираат бидејќи е сиромаштија, не се живее, вели еден охриѓанец.
  • Се чувствува, се чувствува дека е се поскапо и поскапо, вели друг охриѓанец.

Во маркетите во Охрид може да се забележат налепниците на производи кои се опфатени со владините мерки. Дали ќе се постигнат посакуваните резултати ќе покаже сумирањето на податоците на крај од април до кога траат мерките.

Експертите велат дека краткорочно ќе имаат ефект за одржување на куповната моќ на населението. Но уште сега треба да се размислува на долг рок да се комбинираат со други решенија.

На пример Владата да воведе мерки со кои би се стимулирало домашното производство или да се воведат мерки со кои би се стимулирала конкуренцијата или можат да се воведат дури и мерки со таргетирање на социјални политики и така би се добил еден баланс помеѓу социјалните потреби коишто ги имаме во општеството, mеѓутоа, на начин да не бидат загрозени и работењето, издржливоста на работењето и на бизнисите.“ – вели Проф. д-р Александар Трајков – ФТУ.

Според Проф. Трајков добра работа е тоа што маркетите во иднина ќе имаат обврска задолжително да ги објавуваат цените на нивните веб страни. Оваа новина која ја предвидува Законот за заштита на потрошувачите, се воведува од месец април.

Тоа ќе има ефект на страната на потрошувачите што значи дека граѓаните ќе може да одлучуваат што е најоптимално и каде најоптимално можат да ги користат своите пари и ќе се насочи потрошувачката во оние маркети кои се поконкурентни со што ќе се направи притисок и врз останатите да имаме општо намалување на цените.– вели Проф. Трајков.

Проф Трајков е дециден дека за успешноста на мерките е пресудна институционалната подготвеност тие да се спроведат односно да не се остави простор и можност за манипулации.