Заев – украдените пари ќе им се вратат на граѓаните
Слободни и еднакви граѓани, плати за пристоен живот, ефикасно здравство и образование…
Слободни и еднакви граѓани, плати кои ќе обезбедуваат пристоен живот, ефикасно јавно здравство и образование, преиспитување на спорните судски пресуди и враќање на украдените пари на државата и граѓаните.
Ова се дел од ветувањата на коишто ги најави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, пред граѓаните на граѓанскиот протест пред Владата. Во дел од своето обраќање Заев излезе со конкретни предлози и ветувања до граѓаните коишто се, како што рече, начела по кои се води опозицијата.
„Македонија ќе биде пример на социјална држава којашто ќе се грижи за сите категории граѓани. Социјалната заштита ќе овозможи излегување на корисниците од сиромаштијата, даноците ќе бидат прилагодени според примањата на граѓаните.Ќе воведеме национална здравствена сметка што ќе овозможи во секој момент да се следат трошењата во здравството. Случаи како болната смрт на малата Тамара никогаш повеќе да не се повторат.
Главен приоритет ќе биде квалитетот, а не начинот на испитување ќе го намалиме бројот на предмети во основно и средно образование. Ќе создадеме успешен европски систем по примерот на Финска и Словенија. Ќе го укинеме екстерното тестирање и казните, ќе го вратиме приемниот испит на факултетите наместо сегашната матура, а математика ќе полага секој кој ќе запишува факултет на природните науки, не може да не се полага математика. Ќе ја вратиме автономијата на универзитетите. Во Скопје ќе изградиме студентски универзитетски центар“, рече Заев .
Тој вети повисоки субвенции за земјоделците од сегашните и најави дека ќе се фокусираат на привлекување странски инвестиции во земјава.
„Но домашните компании ќе го имаат приматот во државната помош. Тоа ќе го раздвижи стопанството и ќе создаде услови за отворање на нови работни места со достоинствени плати“,изјави меѓудругото Заев.
„За решавањето на проблемот со името ќе изградиме политички и државен консензус заедно ќе ги поставиме црвените линии во функција да го решиме проблемот. Ќе го заштитиме нашиот национален и државен идентитет и нашата национална и државна посебност. За сето тоа ќе бидете консултирани вие, граѓаните“, вети лидерот на СДСМ.
Пред зградата на Владата веќе се поставени шатори каде што ќе кампуваат граѓаните, се додека премиерот Никола Груевски не даде оставка како што побара и Заев.
„Остануваме овде пред владата. Оставка мора да има. Додека не замине Груевски не заминуваме и ние“, порача Заев.
Побара оставка од Груевски, јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за организирал криминал Јован Илиевски и раководните структури на МРТВ.
„Неопходно е да се постигне договор за техничка влада којашто ќе може да организира фер избори, потоа да се прочисти избирачкиот список, да се создадат услови за независно медиумско известување, да се вратат сите механизми на современа македонска државата. Дојдовме и не заминуваме додека не го вратиме мирот и спокојот на граѓаните на Република Македонија. Очекувам оваа најсилна порака којашто денеска ја испраќа Македонија, вака мултиетнички обединета, вака масовно заедно, жедна за слобода и демократија, очекувам од меѓународната заедница којашто е сведок на сето зло што им е нанесено на граѓаните на Македонија да помогне со директно учество а не само со набљудување за мирна разврска на политичката криза, без насилство. Предупредувам дека можното инатење на Никола Груевски со волјата на народот може да има последици што никој не ги посакува. Од тие причини порачувам сите граѓаните кои што се тука, на еден разумен и мирен процес да ја помогнат посакуваната разврска на кризата“, порача Заев.