Почнува изградбата на Букојчани – Кичево, дел од планoт за автопатско поврзување на Скопје и Охрид
Со официјален почеток на градежните активности денеска започне реализацијата на автопатската делница Букојчани – Кичево, проект што треба да придонесе за подобрување на патната поврзаност и побезбедно одвивање на сообраќајот во западниот дел од државава.
Денеска започнува изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект што треба да придонесе за целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, информира премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
Мицкоски истакнува дека со реализацијата на повеќе автопатски проекти се создаваат услови за побрз транспорт, поголема безбедност во сообраќајот, привлекување нови инвестиции и забрзан економски развој.
„Со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево, ја создаваме инфраструктурната основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и посилен економски развој на Македонија“, наведува премиерот.
Поврзувањето од Кичево до Букојчани со автопатско решение ќе даде целосна смисла на Коридорот 8, што ќе значи целосна доизградба на коридорот и целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, истакна на денешното поставување камен темелник на новиот автопат, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Истовремено, на делницата од Букојчани до Гостивар веќе интензивно се работи на изградба на автопатско решение.
“Се работи за терен кој што е планински, кој што е исклучително тежок, терен кој што бара многу знаење, многу искуство и сметам дека изведувачите кои што се избрани, заедно со надзорот и со техничката поддршка, ќе можат да завршат одлична работа и сум убеден дека во предвидениот рок од 4 години проектот ќе биде завршен”, посочи вицепремиерот Николоски.
Проектот, предвидува изградба на современ автопат во должина од 11,5 километри, со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти од по 2,75 метри од двете страни. Проектираната брзина ќе изнесува од 110 до 130 километри на час. На трасата се предвидени пет моста, еден тунел, два вијадукта и две клучки, а рокот за изградба е четири години.