Започна “Македонско културно лето” во Пустец, најзначајниот културен настан на македонски јазик во Албанија
Синоќа со настап на возобновениот ансамбл “Преспа” на плоштадот Гоце Делчев, во Пустец Р. Албанија, свечено беше отворено 16-тото издание на фестивалот “Македонско културно лето”.
На отворањето беше изведена претставата ЈЗУ Европа на Народен театар Штип.
Вечерва на програмата е монодрамата „Лидија или се што знам за жените“ по романот на Тихомир Јанчовски, режија и актерска игра на Игор Трпчески од Театарска Работилница Прилеп. на 29-ти и 30-ти јули ќе се одржат „Поетски слем Македонија“ и концерт на Трио Џентлмен.
Организатор на фестивалот е Здружението на Македонците со албанско потекло „Сонце“ – Скопје и Едмонд Сотир.
Фестивалот е основан со цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија, поголема грижа од Албанија за потребите на Македонците и поголема културна соработка меѓу Албанија и Македонија.
Овој фестивал е најзначајниот и најголем културен настан на македонски јазик во Албанија. Во изминатите 16 години, со квалитетна содржина и организација фестивалот помага Преспа да прерасне во дестинација за културен туризам за што говори фактот што во последните три години фестивалот е вклучен во културната мапа на настани кои Министерството за култура на Албанија препорачува да се посетат.