Започнува расправата за уставните измени на Комисијата за уставни прашања
Комисија за уставни прашања во Собранието денеска ќе ја одржи првата седница со единствена точка на дневен ред, Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија.
По усвојувањето на дневниот ред, се очекува предлогот во 30 минути да го образложи премиерот Димитар Ковачевски, а по него збор дс земат пријавените членови на комисијата, по што право на збор ќе имаат и други пратеници.
Измените на Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.
Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена.
Се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши најдоцна до 9 август.