Затворање на обуката наречена „водење разговор со дете“
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и амбасадорот на Франција Бернард Валеро денеска ќе присуствуваат на церемонијата за затворање на обуката наречена „водење разговор со дете“, во Центарот за обука на полицијата во Идризово.
Обуката која траеше девет дена, што ја спроведуваа француски експерти, беше посетена од 27 полициски службеници од повеќе градови од Македонија. Обуката им овозможи на инспекторите да се здобијат со знаења од областа на психологијата, како и технички знаења кои ќе придонесат да се добие веродостоен исказ од детето, жртва на сексуална злоупотреба.
На крајот на обуката на секој од слушателите ќе му биде доставен по еден прирачник со наслов: „Прирачник за водење на разговор со дете“. Овој прирачник изработен од страна на Националниот центар за обуки на Националната полиција на Франција, преведен на македонски јазик и испечатен благодарение на Француската амбасада треба да им послужи како потсетник на полициските службеници задолжени за заштита на малолетниците.
Покрај прирачникот, на соодветните служби на МВР ќе им бидат донирани и триесет диктафони, неопходни за регистрирање на исказот на детето. Педагошкиот материјал со кој се служеше францускиот експертски тим за време на обуката ќе биде даден на располагање на Центарот за обука на полицијата со цел да биде употребен за обука на идните полициски обучувачи.
{loadposition content9}