Здравствените книшки ќе заминат во историјата за околу една година
Дотогаш граѓаните ќе мора на секој преглед да ги носат со себе здравствените книшки оти без нив нема да можат да ги користат здравствените услуги, пишува „Нова Македонија“.
Дотогаш граѓаните ќе мора на секој преглед да ги носат со себе здравствените книшки оти без нив нема да можат да ги користат здравствените услуги, пишува „Нова Македонија“.
Иако веќе беше најавено дека електронските здравствени картички ќе бидат замена за книшките, тоа сепак ќе се случи дури по околу една година, бидејќи целиот процес, според надлежните, е сложен.
Скопјанецот А.Б., кога бил на лекар, мислел дека за преглед ќе му биде доволна само електронската здравствена картичка.
– Бев во амбуланта со децата, бидејќи се настинати. Ги носев со себе картичките, но не и здравствените книшки. Сестрата ми рече дека нема да може да ги прегледа без книшки. Среќа блиску живееме, па се вратив да ги земам. Не ми е јасно зошто е вака, збунет сум, нели требаше тие картички да се замена за хартиените книшки – вели скопјанецот.
Милан Аризанкоски, одговорно лице за електронскиот здравствен систем „Мој термин“, информира дека за околу една година би требало пациентите да не ги носат со себе здравствените книшки кога користат услуги од здравствените установи.
– Нема да има потреба од носење здравствени книшки тогаш кога електронски ќе се воведат болнички и амбулантски упати и кога ќе се воведат електронски во системот сите оние податоци што ги има во книшката на секој пациент поединечно. Во меѓувреме лекарите треба да научат да ги владеат тие работи. Кога ќе се запази сето ова, електронските податоци ќе стигнуваат во „Мој термин“, каде што ќе има досиеја – информира Аризанкоски.
Инаку, Министерството за здравство го укина проектот Интегриран здравствен информатички систем (ИЗИС). Со него беше предвидено матичните лекари и специјалистите електронски да внесуваат здравствени податоци.
– Toj проект го поништи Министерството за здравство и го воведе „Мој термин“. Оттаму направиле ревизија и одлучиле дека треба тој систем да се укине. Инаку, укинувањето здравствени книшки, упати и рецепти е во владина процедура. Треба да се интегрираат системите, тоа е процес што бара време – објаснува Бранко Аџигогов, портпарол во Фондот за здравство, стои во статијата на „Нова Македонија“.
{loadposition content9}