Жените се поуспешни претприемачи од мажите
Во Македонија не постојат статистички податоци за тоа колку жени претприемачи има, за да може да се создаде реална слика.
Се поголем е бројот на жени претприемачи, кои успешно работат и остваруваат приход во до вчера машкиот сектор бизнис. Бизнисите кои ги водат жените би растеле многу побргу доколку им се овозможи еднаков пристап до капиталот каков што имаат мажите. Причина за тоа е што што жените најмногу ги има во сервисните бизниси, како во водењето на училишта, фризерски и козметички салони, туристички агенции и сместувачки капацитети, кетеринг компании и друго.
Мимоза Попоска од агенцијата за поддршка на мали и средни претпријатија „ЕСА“ информира дека жените се покооперативни, помалку суетни и едноставно признаваат кога не знаат.
„Овие квалитети и поголемата желба да научат, ги прави подобри претприемачи“ – вели Попоска.
Помошта која „ЕСА“ ја пружа конкретно на жените претприемачи е консултантска. Програмите кои се спроведуваат во оваа и слични агенции се малку доволни , бидејќи потребна е и конкретна финансиска помош и од локалните и од централните фактори, за да ефектите бидат поголеми, додава Попоска. Еден од проектите на кој работеле од „ЕСА“ бил за потикнување на жените претприемачи од општина Ресен. Во период од 22 дена, 12 жени од овој регион се стекнале со вештини од областа на угостителството и менаџментот. Попоска потенцира дека интересот бил огромен.
Сведоци сме на подобра положба на жените во целиот свет. Еманципацијата продира во сите земји. Меѓутоа постојат и сиви зони каде правата на жените никако не се во задоволителен обем. Една од тие земји е и Македонија. За жените да го покажат својот максимален израз, треба активно да се вклучат во процесот на стопанисување како сопственици и менаџери со што ќе се потврди нивниот претприемачки дух, кој треба да се одржува и развива.