Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза
И оваа година Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза (МС) преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи, за предизвиците кои го носи МС.
Посебно задоволство ни претставува што оваа година учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се соочуваат секој ден, достоинствено беа рамо до рамо со голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица и дадоа несебична поддршка во зголемувањето на општата свест за МС. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека се повеќе од МС – велат од Националното здружение за помош и поддршка на лицата со мултипла склероза.
Пред се’, сакам да им се заблагодарам на сите присутни жени и девојки, кои се тука да не поддржат нас, заболените од една од најнедефинираните болести – заболените од МС. Целта на трката е да ја подигнеме свеста за нас, да знаете дека постоиме и дека сакаме активно да сме вклучени во секојдневниот живот, да имаме кариери, да сме еднакви со сите вас. Борбата која ја водиме е набавка на современи лекови кои драстично ќе ни ја подобрат состојбата или барем нема да дозволат да прогресира. Како пациент морав да се приклучам на овие прекрасни жени, заедно со мојата ќерка, иако нема да трчам од познати причини, но секако ќе се потрудам да испешачам. Огромна благодарност до Авицена за прекрасната организација и огромна благодарност до Националното здружение за МС, кое се грижи и лавовски се бори за сите нас. Да сме живи и здрави и никако да не се предаваме – истакна Александра Радеска, учесничка на Женска трка.
Редовно учествувам на Женска трка. Овојпат многу ми е драго што со учеството во трката можам да дадам поддршка во подигнување на свеста за мултипла склерозата, бидејќи работам со колешка која се соочува со предизвиците кои ги носи оваа хронична болест – вели Софија Зафировска.
Јас како лице со МС ги охрабрувам лицата со МС, посебно жените, да учествуваат во социјалнии настани од ваков тип. Важно е да се учествува, а не да се победи. Учеството за нас е ПОБЕДА – рече Ивона З.
Повеќе од три илјади учеснички на Женска трка имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокалова панделка која беше содржана во стартниот пакет. Секако, акцент беше ставен на поддршка на жените кои се соочуваат со мултипла склероза (МС), бидејќи МС три пати почесто се дијагностицира кај жените наспроти мажите.
Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за ова хронично заболување, а посебно за жените со мултипла склероза. Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени во интерес на лицата со мултипла склероза – кажа Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
Што е мултипла склероза?
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга. Во РМ од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи. Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.