Жителите на Слупчане бараат од ЕВН да не плаќаат повеќе од 3000 ден за струја и да им се простат долговите
Жителите на липковското село Слупчане преку месната заедница доставиле официјален допис до ЕВН, со низа барања меѓу кои и да им се простат сите досегашни долгови за потрошена електрична енергија, да добијат бесплатни нови приклучоци, без оглед колку ќе потрошат во иднина да не им се наплаќа повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање за електрична енергија и др.
Денеска екипи на ЕВН повторно биле спречени да работат на електродистрибутивната мрежа, иако мештаните пред нецел месец по средба со министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи ветија дека ќе дозволат екипите да работат. Според компанијата ЕВН, мештаните за да дозволат влез во селото бараат исполнување на барањата кои се спротивни на законската легислатива.
„Екипите на Електродистрибуција се соочуваат со вербални и физички напади од жителите, како и целосни блокади за влез во селото. Сѐ додека не се создадат нормални услови за работа, екипите нема да работат на отстранување на дефекти или пак да реализираат редовни работни активности во тој регион.“ – велат од ЕВН за медиумите.
Инаку според ЕВН наплатата во Слупчане изнесува само 20%.