ЗНМ-ССНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска, повик за итна истрага
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради последното прекршување на основните права на нашата членка, новинарката Мирослава Симоновска, поради неовластеното снимање и дистрибуција на видео на кое таа наводно прима документ.
Од таму велат дека видеото кое беше проследено до национална телевизија од страна на шефот на Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, отвора сериозни прашања за приватноста, незаконското следење и правата на новинарите во Македонија.
-Објавата на незаконски снимено видео од новинарката Мирослава Симоновска ја нарушува нејзината приватност и нејзините основни права без разлика што објавениот видео материјал е со заштитени идентитети. Секој новинар има право слободно да се движи и да комуницира со граѓани без страв од незаконско следење или нарушување на приватноста. Оваа акција, за која веруваме дека е насочена кон застрашување и дискредитација на Мирослава Симоновска поради нејзината критичка работа, особено во однос на истражувањето на високиот јавен обвинител, претставува директен напад врз новинарската независност и претставува закана за сите професионални новинари, стои во соопштението.
До ЗНМ и ССНМ утрово пристигнале и други пријави од новинарки кои сведочат за суптилни притисоци за нивни теми поврзани со работата на Вишо јавно обвинителство.
Инаку, денес новинарката Мирослава Симоновска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за неовластено снимање од страна на службено лице.
Двете здруженија бараат од Основното јавно обвинителство итно и без одлагање да спроведе темелна истрага во врска со овој случај и надлежните институции да ги заштитат правата и безбедноста на новинарите.
-Исто така, упатуваме порака до медиумите случаите каде има сомнително стекнати материјали да ги третираат со особено внимание и строго да ги почитуваат етичките стандарди, се вели во соопштението од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).