Алиу: Од анализирани 19 случаи, кај 10 утврдено дека се непотребно извршени кардиохирушки операции
На денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, соопшти дека од пристигнатите 25 случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции анализираше 19, од кои кај 10 случаи утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација т.е.кај пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Комисијата беше формирана откако кардиохирурхот Сашко Кадев објави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции.
Според министерот Алиу ова е прелиминарен извештај, потоа ќе се работи заедно со комисијата од странство, по што ќе се знае дали и таа комисија ќе најде оправданост за таков заклучок. Дури потоа може да се размислува за доставување на сите овие наоди го други институции меѓу кои и Јавното обвинителство.
Претставниците на комисијата не сакаа да кажат во оваа фаза, дали операциите всушност повеќе го загрозиле животот на пациентите, ниту пак колку чинеле тие скапи интервенции и во кои болници се изведени.