Заев ги отфрла политички мотивираните обвинувања за неговата поврзаност со случаите со канабис, се закани со тужба
Експремиерот Зоран Заев преку Фејсбук пост јавно ги демантира, како што ги оценува, лагите и клеветите што, според него, со години ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, партиските портпароли и медиуми блиски до партијата. Тој истакнува дека веќе пет години е целосно надвор од политиката, откако поднел оставка од сите политички и државни функции, но и покрај тоа, неговото име, како што вели, континуирано се злоупотребува во јавноста.
–Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди. Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста, напиша Заев.
Тој ги демантира обвинувањата дека се јавувал во Царинската управа и ги нарекува лаги сите наводи за наводни бизниси, притисоци и мешање во институциите. Вели дека со години трпи навреди, но дека сега е доста и најавува тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ доколку не се извинат во законскиот рок, со цел правно да го заштити своето име.