Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски доби трет мандат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес да ја води партијата во наредните четири години што, според статутот на партијата, ќе биде негов последен мандат.
 |  инфодеск  | 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес и ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ во следните четири години. Како што информираше претседателот на Изборната комисија, Зоранчо Јованчев, од вкупно 817 присутни делегати, 804 гласале „за“ продолжување на мандатот на Мицкоски. Тој беше единствениот кандидат за функцијата претседател на партијата. Конгресот се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“.

Мицкоски во своето воведно обраќање пред делегатите и гостите зборуваше каква е визијата на партијата за Македонија во 2030 година.

-Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека визијата „Македонија 2030“ е визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава, со економија што расте на знаење и труд, со институции што опстојуваат над политичките циклуси, со самосвесен национален идентитет, со зелен и технолошки развој, и со општество што верува во заедничката иднина.

Мицкоски истакна и дека „Македонија 2030“ не е декларативен документ, туку темелна политичка рамка. Мицкоски потенцираше дека реализирањето на оваа визија бара сериозна, континуирана и одговорна политика која ја става државата пред дневната партиска добивка.