Skip to main content

Пожарот во Трубарево е изгаснат: ОЈО обезбедува докази, Армијата ја мери контаминацијата на воздухот

Пожарот во Трубарево избувна вчера пред 14 часот во складиште за рециклирање пластичен, електронски отпад и батерии.
 |  инфодеск  | 

Утрово Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), изјави дека пожарот во Трубарево е изгаснат, нема активно горење, но дека има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места и преостануива да се дозатрупа уште дел од опожарената површина.

Ангелов додае дека минатата вечер околу 2.30 часот добиле дојава дека повторно има горење на депонијата „Дрисла“ и веднаш се упатиле таму. –Се гледаа одредени пламени јазици, но тоа беше гасот којшто испарува од оваа депонија. Таму упативме една екипа на скопската противпожарна бригада која го изгасна огнот, од кој постоеше опасност да го зафати главниот дел од депонијата. Сега состојбата во „Дрисла“ е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел бидејќи најмалку половина од местото коешто гореше во „Дрисла“ вчера е затрупано. Но, дел од механизацијата беше пренасочен и овде, на големиот пожар во Трубарево, рече Ангелов.

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска на прес-конференција рече дека фирмата во која настана пожар во Трубарево имала 10 годишна важечка дозвола за рециклирање на отпад која ја добиле во 2021 година, и дека се мери загаденоста на воздухот, а исто така ќе се земат и мостри од почва за да се утврди дали има и колкаво е загадувањето.

Од Основното Јавното обвинителство информираат дека Јавниот обвинител вчера упатил барање за поддршка до Началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. –Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. ОЈО Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина. Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот, додаваат од Обвинителството.