Стапува на сила забраната за увоз на месо од Словенија и Црна Гора
Македонија го забранува увозот на животни, јајца и семе од Црна Гора и од Словенија поради болеста син јазик, а одлуката на надлежните веќе е објавена во Службен весник.
Македонија го забранува увозот на животни, јајца и семе од Црна Гора и од Словенија поради болеста син јазик, а одлуката на надлежните веќе е објавена во Службен весник.
Со оваа одлука, од утре во Македонија нема да може да се увезува месо или животни кои се подложни на болеста син јазик која главно се пренесува преку комарци, а ги напаѓа овците, козите и говедата. Забранетиот увоз се однесува и на семе, јајца и ембриони.
Словенечката управа за храна и ветеринарство открила две животни заболени од син јазик, додека во Црна Гора состојбата е алармантна.
Болеста последен пат во Македонија беше регистрирана во 2014 година во беровскиот крај, а потоа се прошири и во штипскиот, радовишкиот, кочанскиот и во регионот на Овче Поле. Тогаш угинаа 18.000 грла и болеста им направи огромни штети на сточарите.
Против болеста нема вакцина ниту специфичен начин на лекување затоа што станува збор за вирусно заболување. Единствен начин е со зголемување на имунитетот кај животните. Болеста „син јазик“ не се пренесува од животно на човек, но сепак не треба да се консумира месо од заболено животно.
Оваа болест во Европа е ретка и затоа има голема смртност кај заболениот добиток. „Син јазик“ е болест која е честа во Африка.