Нова национална стратегија за млади
Агенцијата за млади и спорт ги повика младите луѓе да учествуваат во креирањето на новата Национална стратегија за млади, за време на почетокот на неделата на млади.Преку креирање нова национална стратегија ќе се дефинираат основните принципи и насоки за подобрување на квалитетот на живот на младите луѓе во државата во наредните пет години.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски посочи дека серијата на настани по повод Неделата на млади имаат за цел да се слушне гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да се поттикнат да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нив, а од друга страна да бидат креатори на нивната сегашност и иднина и да продолжиме да изнаоѓаме нови начини и методи заедно.
„Заедно можеме да создадеме подобри услови за делување, нашата цел е младите да чувствуваат сигурност во институциите и заедно да соработуваме за уште поголеми успеси. Веќе изработивме методологија за креирање на Националната стратегија за млади, ги поставивме темелите и очекувам до крајот на годината да имаме првична верзија на Стратегијата која ќе биде проследена со акциски план за 2023 година, процесот е целосно инклузивен и тренспарентен“, кажа Наумче Мојсоски – директорот на Агенцијата за млади и спорт.
Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, рече дека Стратегијата ќе се занимава со различни аспекти од животот на младите.Потсети дека кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата имаше многу силно влијание врз животите на луѓето, особено на младите.
„УНДП заедно со ОБСЕ и УНФПА ќе ја поддржат Агенцијата за млади и спорт да обезбеди отворен и транспарентен консултативен процес којшто ќе се спроведе преку организирање на работилници, конференции, онлајн форуми и други алатки коишто ќе обезбедат широко младинско учество. Нашата јасна цел е да го подготвиме овој стратешки документ преку информирање, консултирање и вклучување на младите во сите чекори на креирањето политики.“, посочи Армен Григоријан -Постојан претставник на УНДП Во Македонија.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, Џефри Голдштајн, пак посочувајќи на анализите од последниот попис во државата што се реализираше во 2021 година, рече дека денес има 230,000 помалку луѓе под 25 години во државава од пред две децении. Додаде дека оваа стратегија ќе обезбеди можности во подобрување на квалитетот на животот на младите, градењето на дијалог и зголемување на довербата на младите во институциите.
„Пред пандемијата, кога имав почеста можност да се среќавам со млади луѓе, јас обично ги прашував каде мислат дека ќе живеат за 10 години. Обично, за жал, големо мнозинство одговари “во странство”. Има различни причини за тоа, но последиците се исти: намалување на човечкиот капитал на Северна Македонија, денес и во иднина“, изјави Џефри Голдштајн – Шеф на мисијата на ОБСЕ во МК
По повод Неделата на младите, на 11 август во Хотелот „Панорамика“ во Скопје ќе се одржи меѓународна конференција за млади на тема „Младите во отворен Балкан-шанси и перспективи за сигурен напредок во регионот“. Од АСМ најавуваат дека на конференцијата учество ќе земат високи владини функционери од земјава, како и министерот за млади и спорт на Република Србија, министерот за млади и спорт на Црна Гора, како и претставници на младински организации од овие држави и од Република Албанија.