Skip to main content

Богата забава, добро вино и стотици гости на првата вечер на Вино фест

Голем број туристи кои деновиве престојуваат во Охрид уживаа во уникатниот спој на вино, музика и летна фестивалска енергија, дополнително збогатувајќи ја туристичката понуда на градот.
 |  инфодеск  | 

Со богата музичка програма, дегустација на разни   врсти  вина и одлична атмосфера, синоќа во Охрид започна петтото издание на „Охрид Вино Фестивал”, кое и годинава привлече илјадници посетители – охриѓани, туристи од земјава и странство, како и љубители на виното и добрата забава.

На десетината фестивалски штандови дваесеттина винарии   понудија  голем број видови вина од македонски винарии, а посетителите имаа можност да дегустираат различни вински сорти и да се запознаат со богатството на домашното винарство.

Првата фестивалска вечер помина во знакот на добрата музика и забавата. На сцената настапија групата „Сарај”, Дани Димитровска и групата „Меморија”, кои ја подигнаа атмосферата и ја разиграа бројната публика.

Целта на фестивалот е промоција на локалните вина, поддршка на винската култура и афирмација на Охрид како атрактивна туристичка дестинација.

-Знаејќи дека целта на Општина Охрид е токму промоција на туризмот и културата, но и раздвижување на целиот летен период, токму овој фестивал означува почеток на настаните што ќе следуваат во текот на летото.Тоа многу значи, затоа што преку програмата за култура навистина го промовираме и градот Охрид, ја промовираме Македонија, но и сите љубители на виното, храната и музиката. Сите оние кои сакаат да ги видат препознатливите места во Македонија, можат тоа да го спојат со овие настани. Затоа е многу важно и за промоција на градот и за туризмот, вели Перчо Божиноски претседател на Советот на општина Охрид.

Голем број туристи кои деновиве престојуваат во Охрид уживаа во уникатниот спој на вино, музика и летна фестивалска енергија, дополнително збогатувајќи ја туристичката понуда на градот.

– Реално, Македонија е позната како винска земја, сигурно во регионот, но и во Европа. Кога некој ќе дојде во Македонија, сака да проба македонско вино.Така што ние се фокусираме на македонски вина, македонска музика и промоција на Охрид како македонски туристички центар, истакна Пане Темов, организациски одбор на „Вино Фест”.

Забавата продолжува и вечерва. На втората фестивалска вечер, со почеток во 20 часот, ќе настапи групата „Брос Марама”, по што следуваат Ѓоко Ѓорчев со Кате Танева, „Куку Леле”, а по полноќ публиката ќе ја забавува „Пауза за ракија”.

Организаторите очекуваат и вечерва голема посетеност и уште една незаборавна фестивалска ноќ во срцето на Охрид.