Во Охрид ќе се гради црковен музеј
Во Охрид ќе се гради црковен музеј каде ќе бидат сместени вредните икони од западниот дел на Македонија. Проектот веќе се изготвува, а ќе биде финансиран од МПЦ.
Дебарско кичевската епархија ќе прави црковен музеј во кој ќе бидат сместени сите вредни икони од западниот дел на Македонија. Музејот е планирано да се гради на локацијата која се наоѓа веднаш под административната зграда на охридската митрополија. Проектот веќе се изготвува, а ќе биде финансиран од МПЦ.
МПЦ се одлучи на ваков чекор бидејќи голем дел од подвижните икони кои не беа заштитени, а кои беа многу вредни се украдени. Тоа подвижно културно богастство мора да се собере на едно место и да се заштити од понатамошно уништување, вели теологот Виктор Недески.
Музејот ќе биде обезбеден со најсовремени алармни уреди. Ќе биде со приземје и кат. Во галеријата ќе бидат поставени иконите, а на катот ќе бидат направени простории за останатите потреби на МПЦ. Музејот ќе биде отворен за посетителите како домашни така и странски.
Покрај движното треба да го заштитиме и недвижното богатство. За среќа веќе е започнат процес на реставрација на фреските во некои наши цркви, но тука МПЦ нема ингеренции затоа што тоа е под Заводот за заштита на спомениците, вели Недески.
Инаку според евиденцијата на дебарско -кичевската епархија последниве години околу 100 вредни икони се украдени од нашите цркви посебно од оние во планинските села.