Skip to main content

До каде ќе оди спрегата политичари-медиуми?!

Турската амбасада во Македонија „на најсилен начин го осудува“ синоќешниот недоличен израз на главниот и одговорен уредник на Сител телевизија Драган Павловиќ Латас кон турски народ.

 |   | 

Турската амбасада во Македонија „на најсилен начин го осудува“ синоќешниот недоличен израз на главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас, кон турскиот народ.
Осудата уследи по синоќешното интервју со лидерот на опозицијата Зоран Заев, во кое уредникот на Сител му рече на претседателот на Социјалдемокрадскиот сојуз дека „лаже како Турчин“.

Во наредниот Дневник, Латас им се извини на сите Турци, турската нација и на турската држава. И покрај извинувањето, од турската амбасада реагираат дека уредникот на Сител е далеку од состојбата да ја надомести штетата од ваквиот недоличен став и ја повика телевизијата да „преземе соодветни мерки“. „Овој израз полн со омраза и злоба, во иста мера го возвраќаме кон именуваното лице“ – стои во соопштението од турската амбасада.Турската амбасада најави и „интервенции пред органите на Македонија“.

Синоќешното интервју, кое ни оддалеку не наликуваше на тој новинарски жанр, е само печат на она што со години наназад се случува во медиумската сфера во државава. Кршење на етиката во информирањето, небалансирано и необјективно информирање, злоупотреба на функцијата новинар, непримерен речник во комуникација со соговорникот и негово дискредитирање, како и јавно искажана навреда кон цела една етничка заедница – сето ова можеше да се види синоќа на националниот медиум Сител, во ударен термин на централниот дневник.
За ваквата состојба во македонското новинарство најголеми виновници се политичките партии, на кои примарно им е, преку влијание и мешање во уредувачките политики на медиумите, да дојдат и останат на власт, наместо приоритет да им биде државата и штитење на нејзините интереси.
Дека е тоа така, потврдува и тоа што делот од пржинскиот договор врз кој најмногу се кршат копјата, е токму регулирањето на медиумите, што само покажува колку политичките елити се во спрега со седмата сила и дека не се откажуваат лесно од влијанието врз неа.