Започна 13-тата Меѓународна научна конференција „Охрид- Водици 2025“

Терминот колективна меморија стана моќен симбол на многуте политички и општествени транзиции кои моментално се во тек, истакна Проф. д-р Рубин Земон на отворањето на 13-тата Меѓународна научна конференција „Охрид- Водици 2025“ која се одржува во „Куќата на Уранија“.

„Новите режими бараат начин да се надминат остатоците од нивните предходници, додека воспоставените системи се соочуваат со пораз на историската свест и се повеќе водат политики на жалење. Колективните сеќавања се спомени споделени од група кои влијаат на нивниот идентитет како заедница. Историјата за научниците кои ја проучуваат меморијата, не е само проблем одвнатре туку и одговор на барањата на сегашноста. Интересот на антрополог не е само она што всушност се случило , но сака да открие како одредена историска содржина се користи во актуелниот процес на градење на идентитет.“ – кажа Проф. д-р Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања.
На конференцијата на тема „Колективната меморија, политики на меморија и современите идентитети во контекст на локалните, регионалните и глобалните конфликти и сојузи“ во Охрид ќе расправа домашната и светска научна фела. Годинешната конференција е во чест на академик Гафир Јабиев, член на Академијата на науките на Азербејџан. На неа ќе бидат презентирани 54 трудови од 68 учесници кои доаѓаат од 14 држави.

Успешна и плодна работа на учесниците на отворањето на конференцијата во просториите на МАНУ во „Куќата на Уранија” им посака Заменик-градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска.

„Сведоци сме дека последните неколку години на европско тло се прават обиди за бришење на историјата и посегнување кон историски ревизионизам од поновото минато. Колективните сеќавања, историските трауми, историографијата на нациите во значаен дел се користат за борба за власт и доминација. Други актери во општеството свесно го ползуваат пишувањето на историјата за остварување на сопствени интереси. Токму затоа оваа средба што се одржува во Охрид во овие празнични денови е особено значајна за сите нас.“ – кажа Крстеска.
Конференцијата е во организација на Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со „MIRAS”– Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција, Институтот за напредни студии од Косзег, Унгарија.
Latest Охрид
