Skip to main content

И годинава дел од плажите на охридското крајбрежје ќе бидат без спасители на вода

Само триесет проценти од вкупниот број капалишта на охридското крајбрежје ова лето ќе имаат спасители на вода. Тоа се дел од плажите пред хотелско угостителски објекти. Плажите на кои несовесни концесионери нема да ангажираат спасители и оние кои немаат концесионери Црвен Крст Охрид прави напори да ги обезбедува со патролни тимови, но на нив треба да се постават табли дека граѓаните се капат на своја одговорност.
 |  Маја Савиќ  | 
Спасители на вода

Само на една третина од капалиштата на охридското крајбрежје ова лето ќе има спасители на вода. Тоа значи дека ќе продолжи праксата од минатите години да имаме небезбедни плажи за туристите. Лани беа ангажирани 20-тина спасители само на 14 од над 34 капалишта.

Граѓаните сметаат дека за туристички центар како Охрид е од голема важност да има безбедни плажи за капење и рекреација и сезоната да поминува без несакани инциденти и несреќи.

Не се безбедни, не се. Треба да има спасители, треба да има чувари“.

На сите плажи треба да има спасители за да се грижат за безбедноста на капачите“.

Некој ќе дојде од Скопје, било од каде од Република Македонија или однадвор, не знае да плива. Треба спасувачи обврзно да има на секоја плажа“.

Спасители на вода

Претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков вели дека во моментов состојбата на голем дел од капалиштата е разочарувачка.

„Немаме уредени капалишта кадешто можат да се обезбедат сите безбедни услови за капење, спорт и рекреација , зборувам од обележување на капалиштата, до набљудувачница , до места-пунктови за укажување прва помош , значи тоа се услови кои ги предвидел законодавецот за едно безбедно капалиште.“ – вели Точков.

Точков посочува дека во тек се разговори со концесионерите на плажите пред хотелско угостителските објекти на брегот за ангажирање спасители и тоа ќе биде завршено до 1-ви јули. Но на останатите капалишта посетителите ќе бидат на некој начин препуштени сами на себе.

За жал таква е состојбата. Ние сме тука колку што можеме да помогнеме со спасители но и со патроли, бидејќи на оние капалишта коишто не се уредени сепак доаѓаат гости, капачи, туристи. Се трудиме да излеземе во пресрет, да имаме патроли кои не можат да бидат 24-часовни но во одреден период од денот, во најфрекфентните денови да имаме патроли на медицински тимови и на спасители на вода.

Спасителите делуваат и на капалишта каде има несовесни концесионери кои не поставиле спасители, па мора да трчаат и таму. Затоа замолуваме и бараме, ова е тимска работа и мора да биде безбедно целото крајбрежје. И еден капач да има на плажата и тој треба да биде безбеден.“- дециден е Точков.

Спасители на вода

Црвен Крст Охрид секоја година организира обуки за спасители на вода, но од година во година има и се помал интерес кај младите за оваа професијата. Од друга страна дел од оние кои веќе се стекнале со сертификат се иселуваат во странство.

„Од 480 колку што има обучено досега Црвениот крст, сега останавме само на двоцифрена бројка, затоа што голем дел од спасителите се иселија во други држави поради економската состојба, дел од нив работат како спаистели во странство користејќи го стекнатиот сертификат. Проблемот е како и во сите други сфери и струки така и во спасувањето. Со големи напори се трудиме да излеземе во пресрет и да одржуваме безбедност на охридските капалишта.“ – вели Точков.

Минатата летна сезона спасителите имаа 14 интервенции на спасени давеници и над 800 интервенции на укажување прва помош. Спасители на вода, како дејност охридскиот Црвен Крст воведе во 2005 та година и оттогаш на обележаните капалишта кои биле обезбедувани од спасители немало ниту еден фатален случај на давеник.