Skip to main content

Обвинителите бараат повлекување на измените на платите, предупредуваат на противуставност и економски притисок

Здружението на обвинители вели дека намалувањето на платите е противуставно и претставува закана за независноста
 |  инфодеск  | 

Здружението на јавни обвинители реагира дека поради неспојливоста на функцијата нивната плата е единствен приход и воедно најниска во регионот, а според законот таа не смее да се намалува освен при дисциплинска одговорност. Тие бараат Собранието да ги повлече предложените измени со кои се менуваат коефициентите за да се спречи, како што се наведува, непропорционален раст на платите.

Барањето за детално преиспитување на законските измени, Здружението на обвинители најпрво го темели на Законот за платите на јавните обвинители, според кој, платата на обвинителот не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност.

-Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот, велат од Здружението на јавни обвинители.

Од Здружението велат дека се свесни за економската состојба, но посочуваат дека платата, која им е единствен приход, е најниска во регионот и се движи од 90.000 до 130.000 денари. Тие потсетуваат дека Уставен суд веќе покренал постапка за оценка на уставноста на претходните измени и предупредуваат дека новото намалување на коефициентите е противуставно, незаконско и претставува економски притисок врз независноста на обвинителите.

Инаку, со измените на Законот за плати на јавните обвинители пратениците предложија изменување на коефициентите за пресметка на плата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на платите на јавните обвинители.