Охрид достојно го одбележа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Со свечена академија синоќа Охрид го одбележа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Под мотото „Од идеја до независност”, преку музичко-сценски перформанс, охридски уметници и млади музички таленти го претставија историскиот пат од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година до независна Македонија.

Пред публиката во Центарот за Култура „Григор Прличев“ се обрати Заменик градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска.
„Охрид, како лулка на македонската писменост, култура и духовност отсекогаш имал посебно место во оваа борба. Нашиот град даде бројни синови и ќерки кои не се колебаа да ги положат своите животи за идеалот – слободна Македонија.
Нивната храброст, жртва и непоколебливост се вградени во секој камен на нашиот древен град и во нашата национална меморија.
Денеска нашата борба е поинаква , но еднакво важна. Денес се бориме со знаење, труд, чесност и посветеност. Борбата на нашата генерација е да изградиме модерни, развиени и европски држава и град. Градиме заедница во која младите ќе ја гледаат својата иднина тука, на својата дедовина, а постарите ќе имаат достоинствени услови за живот .
Почитта кон минатото се покажува со дела во сегашноста. Секој проект, секоја нова училишна зграда, подобрена инфраструктура и секоја поддршка за нашите граѓани е наш придонес кон остварувањето на заветот што ни го оставија идеалистите од 1893 година.“ – кажа во своето обраќање Крстеска.

Чествувањата по повод големиот национален празник започнаа пред два дена со промоција на ученичката поетска збирка „Тие доаѓаат“ во издание на Општина Охрид. Одбележувањето беше заокружено денеска со положување свежо цвеќе пред спомениците во Градскиот парк во Охрид. Од Општина Охрид посочуваат дека одбележувањето на националните празници е можност да се зачува сеќавањето на историското минато и да им се оддаде почит на генерациите што се бореле за слободна и независна држава.








