Партијата Родина во Охрид ги промовираше програмските цели со кои настапува на парламентарните избори
Политичката партија Родина Македонија денеска во Охрид ги промовираше програмските цели со кои настапува на парламентарните избори. Нашето мото е „да ја вратиме Македонија на македонците“ затоа што сакаме државата да ја вратиме на вистинскиот пат, кажа носителот на листа во 5ИЕ, Маријан Гацевски.
„Неможејќи веќе да издржиме гледајќи наназад 33 години како политичките фели со само менување на бојата но не и на нивната суштина и срж, во изминатите години не променија ништо освен наше обезличување на македонците, понижување и погазување до степен на наше целосно поништување и исчезнување. Затоа решивме да се вратиме во политиката и да донесеме таква програмска цел со која како број еден ќе ни биде враќање на името Македонија на државата, враќање на знамето со шеснасеткрако сонце од Кутлеш, грб со симболот лав, а понатаму и симнување на санкциите од братскиот наш народ од Руската федерација. Македонија сакаме да ја видиме зачленета во сите економски организации на Евро-азиските земји, да го развиеме и унапредиме енергетскиот сектор, туризмот, угостителството посебно тука во Охрид.„ – изјави Гацевски.
Развој на гасната и патната инфраструктура, железници и автопати, зачувување на сите природни национални богатства, шумите, водите и пасиштата, развој на земјоделството и сточарството, квалитетна здравствена заштита за секого, национализација на сите стратешки субјекти и фирми, се само дел од програмските определби на Родина, истакна Гацевски. Тој ја побара поддршката од охриѓани повикувајќи ги на 8-мај да го заокружат бројот 14 на гласачкото ливче.