Пецаков и Муцунски: Одлуката на УНЕСКО е потврда за досегашниот ангажман, ќе се работи на исполнување на сите препораки

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Наместо тоа, Македонија и Албанија добија дополнителен рок од пет години за спроведување на препораките. Одлуката беше донесена на 48. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржува во Бусан, Јужна Кореја. За неа гласаа 16 од вкупно 21 земја членка. Ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации, изјави Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, по одлуката.
„Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност и е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките. Тоа ќе значи дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на реализација на капиталните еколошки проекти, одговорното урбанистичко планирање, зајакнувањето на системите за заштита на животната средина и доследната имплементација на препораките на УНЕСКО. Заштитата на Охридскиот Регион не е обврска само на една институција, туку заедничка обврска на локалната и централната власт, институциите и сите граѓани. Убеден сум дека со добра координација, континуирана посветеност и меѓународна соработка со Република Албанија ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации. “ – изјави Кирил Пецаков – Градоначалник на Охрид.
Одлуката на Комитетот е значаен дипломатски успех за земјава, оцени Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Владата во соработка со локалната власт во претстојниот период ќе работи ангажирано на сите забелешки, потенцира министерот.
Воспоставивме јасен план, имаме јасна меѓусебна координација и јасни насоки за тоа што треба да се направи и за разлика од минатото, земјава сега добива подолг период за спроведување на препораките, изјави Муцунски .
” Ние како Влада, сите институции кои се вклучени и локалната самоуправа ќе работиме ангажирано на сите забелешки, но ќе напоменам статусот на УНЕСКО треба да оди паралелно со развојот туристички, економски и социјален развој на целиот тој регион и за тоа Унеско има кредибилно разбирање. И во таа смисла ќе продолжи работата и на институциите и на локалната самоуправа. “- изјави Муцунски.
Иако регионот по четврти пат избегна да биде прогласен за светско наследство во опасност констатацијата на Комитетот е дека напредокот е ограничен и дека главните закани не се отстранети.
Охридскиот Регион со години се соочува со сериозни ризици поврзани со дивоградбите, прекумерната урбанизација, деградацијата на крајбрежјето, несоодветното управување со отпадните води и недоволната заштита на екосистемот. Комитетот бара да не се носат нови урбанистички решенија и развојни планови сè додека не бидат завршени стратегиските проценки за влијанието врз животната средина.

Посебно нагласува дека треба да ја забрза проценката на влијанието од дивоградбите врз исклучителната универзална вредност на регионот и да преземе корективни мерки, вклучително и нивно отстранување.
Во однос на дивоградбите во Охридскиот регион, министерот вели:
„Тука има конкретни предмети кои треба еден по еден да се решаваат. Тоа се прашања кои се со споделена надлежност до некоја мера помеѓу централната и локалната власт. Ако мене како министер ме прашате, а верувам дека тој е ставот и на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба не само во Охрид, таа треба да биде отстранета и тоа треба да биде направено на соодветен и законски начин.“
Според одлуката усвоена од Комитетот, Македонија и Албанија најдоцна до 1 февруари 2029 година треба да достават заеднички извештај за спроведените корективни мерки за прекуграничното добро, врз основа на препораките од реактивните мониторинг-мисии од 2020 и 2024 година. Дополнително, државите државите треба да поканат заедничка реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО и експертските тела (IUCN и ICOMOS) во 2029 година, која на терен ќе ја оцени состојбата и напредокот. Македонија и Албанија до 1 февруари 2031 година треба да достават нов, ажуриран извештај за состојбата и за реализацијата на преземените мерки кој истата година ќе се најде на дневен ред на 53. сесија на Комитетот за светско наследство.







