Реконструиран плоштадот во туристичката населба Љубаништа
Реконструиран мини плоштадот во туристичкиот бисер Љубаништа. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека ова разубавување на просторот локалната и јавните претпријатија го направиле на барање на мештаните. Најави дека за брзо време ќе ја разгледаат и можноста на доградба на овој плоштад со уште една рекреативна површина.
Мини плоштадот во туристичкиот бисер Љубаништа реконструиран и разубавен. Уреден просторот околу спомен обележјето на паднатите борци, санирани оштетувањата на самиот споменик, реконструиран стариот потпорен ѕид, а целиот плоштад доби и соодветно хортикултурно уредување. Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески вели дека со ова продолжува нивната востановена пракса за рамномерен развој на сите населени места во Охрид.
„На некој начин излеговме во пресрет на мештаните на на ова место да го уредиме овој мини плоштад, собиралиште на граѓаните од Љубаништа кое претпоставуваме дека во иднина ќе биде атрактивно место за одмор и рекреација и за забава на сите оние кои во текот на летните месеци престојуваат или летуваат во ова наше познато туристичко место. Секако дека претходно беше уредено и осветлувањето, на овој плоштад така да се добие една целина која што уверени сме дека ќе биде атрактивна за сите кои ќе престојуваат во Љубаништа, исто како и за месното население.“-изјави градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на месната заедница на Љубаништа, Ѓорѓи Траевски вели дека уредувањето на овој простор е навистина важно и поради самите мештани, но и поради бројните странски туристи кои доаѓаат тука во летниот период.
„Се надевам дека и понатаму ќе има надополнување на сите можни потреби за граѓаните и жителите на Љубаништа, и викендашите се разбира. Овој плоштад навистина доби една друга слика, така што има тука една прекрасна периферија тука, така што можат од сите генерации, деца, стари луѓе да уживаат во оваа прекрасна глетка.“ – вели Траевски.
Градоначалникот Бакрачески пак вели дека тука не запираат нивните напори за уредување на приградските населби. Тој информираше дека веќе разговарале за проширување на реконструктивните зафати на мини плоштадот во Љубаништа односно доградба на уште една рекреативна површина. Бакрачески рече дека во наредните две до три недели ќе се направи предлог пресметка и идеен проект за тоа како би можело дополнително да се оплемени овој простор.