Со последните организирани групи туристи во октомври, Охрид ја приврушува сезоната

Со последните организирани туристички групи, кои пристигнуваат до крајот на октомври, привршува туристичката сезона на брегот на Охридското Езеро. И во втората половина на месецот, во главниот туристички центар имаше солидна посетеност.Се поголем е интересот за посета на културно историските споменици надвор од традиционалната летна сезона.
За дел од посетителите ова е повторна средба со Охрид, додека други за првпат ги откриваат неговите убавини.
„Многу убав град, многу убава земја, ми се допаѓа.”- вели турист од Турција.
„Секоја недела доаѓам во Охрид со турски групи, во текот на целата сезона. Сите го сакаат Охрид и секогаш се задоволни. Доаѓаме до крај на месец октовмри ова се псоледните групи.”– вели туристички водич на група од Турција.
„Мислам дека ова ми е третпат како доаѓам во Охрид. Многу е убаво ми се допаѓа. И времето е убаво , мислам ќе си поминеме преубаво.” – вели туристка од Србија.

Туристичките работници оценуваат дека годинава сезоната била солидна, но и временски поместена, со добра посетеност и по завршувањето на главниот летен период.
„Сведоци сме дека оваа година пикот, односно високата туристичка сезона, се помести. Сè уште гледаме дека организирани групи го посетуваат Охрид и тоа е добро. Сезоната не заврши како во минатите години, кон крајот на септември. Сè уште има посета од гости, градот е раздвижен и тоа е добар знак.” – вели Асим Челик, туристички работник.
По добриот почеток во април и мај, во јуни и јули имаше стагнација, но август голема исполнетост а позитивните движења продолжија и во текот на есента. Првичните оценки на туристичките работници се дека сезоната е успешна. Сепак, за Охрид да привлекува гости преку целата година , потребно е збогатување на понудата.

„За продолжување на сезоната, зголемување на нејзиното времетраење и подобрување на нејзиниот квалитет, треба да имаме исклучително добра туристичка понуда. Сведоци сме дека во изминатите 15 години туристичката понуда во Охрид не е значително изменета. Потребни се промени, дополнувања, проширување и поголема разновидност. Во тој сегмент сме слаби.”– посочува Челик.
Официјалните статистички податоци потврдуваат позитивни движења во туризмот на национално ниво. Според Државниот завод за статистика, во периодот од јануари до август 2026 година, се бележи раст од 3,7 проценти.
Во август Охрид го посетиле 96.260 туристи, од кои 37.809 странски. Најбројни биле гостите од Турција, на второто место се туристите од Србија, а потоа Холандија, Германија и Полска.




