Вонредни инспекциски контроли на хотелите и станоиздавачите
Инспекторите по туризам вршат засилени вонредни инспекциски контроли на брегот на Охридското Езеро. Се чешлаат хотелите, станоиздавачите, вилите, камповите и туристичките водичи. Сите се должни да ги пријавуваат гостите и да плаќаат туристичка такса која изнесува 40 денари на ден по турист, но и данок на остварените приходи.
Сопствениците на станови не смеат да сместуваат гости без да се регистрирани за таа дејност, а за изнајмениот стан на роднини и пријатели треба да платат, ослободени се само гостите до прво колено.
– Минатата сезона имавме казни на приватни станоиздавачи, кои што сме виделе дека не биле првично, како мерка што ја користиме по законот за инспекциски надзор, е опомена. Меѓутоа, негде кај што сме добиле доказ, или сознание, или сме увиделе при вршење на надзорот дека не е тоа веќе за опомена, тогаш се изрекува глоба. Глобата е од 100 до 250 евра за физичко лице, вели Виолета Тунтева инспектор по туризам.
Секојдневни контроли се вршат и на странските групи туристи кои се должни да ангажираат локален турстички водич. Затекнати се странски водичи кои сами го презентираат Охрид, но и со фалсификувани легитимации.
– Охрид има регистар на туристички водичи со завидна бројка. Може да се деси, да сум искрена, да се провлече некоја група, да не именувам од која држава, може да се деси, дури за жал се заприметуваат некои со импровизирани легитимацији кој што, ако се затекнат на лице место, веднаш се изрекува глоба, тоа е од 100 до 250 евра во денарска противредност, вели Тунтева.
Сивата економија во туристичкиот сектор е намалена, но се уште присутна. Дел нецелосно ги пријавуваат туристите, затајуваат данок, но има станоиздавачи, кои не се категоризирани и на диво сместуваат туристи без да плаќаат никакви давачки.
Новинар Соња Рилковска