Skip to main content

Црвен крст Охрид

Во сабота ќе се одржи 50-тиот Општински натпревар по прва помош во организација на Црвен Крст Охрид

На повеќе пунктови низ градот, почнувајќи од плоштадот „Св.Климент Охридски“, на платото пред Градската библиотека, по градскиот кеј, ќе бидат симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди.
 |  инфодеск  | 
Натпревар прва помош

Во рамки на своите активности и јавни овластувања во делот на првата помош Црвен крст Охрид на 13.04.2024 г. (сабота) во периодот од 9-14 ч., под мотото „ПРВАТА ПОМОШ СПАСУВА ЖИВОТИ“, ќе го организира традиционалниот, 50-ти по ред Општински натпревар по прва помош.

На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 150 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.

„И оваа година на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот „Св.Климент Охридски“, на платото пред Градската библиотека, по градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид.“ – информираат организаторите.

За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

„Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде, во домот, на улица, на училиште, на работно место, на игралиште, во природа и каде ли уште не. Во такви ситуации правилното укажување прва помош значи спасување човечки живот.“- велат од Црвен крст Охрид.