Skip to main content

Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен на средба во Охрид

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка генерал Еирик Кристоферсен и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ја проследија и показната вежба на Баталјонот на специјални сили на Охридското езеро.
 |  инфодеск  | 

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Еирик Кристоферсен, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, во Охрид оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

На средбата, која се реализираше во Kампот за обука на вода, се разговараше за одличната билатерална соработка помеѓу двете армии. Од страна на генералот Ѓурчиновски беше изразена благодарност за норвешката поддршка и за големиот број заеднички проекти со кои се подобрува нашата интероперабилност и способност за извршување на задачите.

Генералот Кристоферсен го истакна значењето на споделување на обврските и заедничките настапи во операциите на НАТО за достигнување на меѓусебната интероперабилност во заедничкото справување со сите безбедносни предизвици.

Од страна на соговорниците долгогодишната соработка меѓу двете армии е оценета како особено значајна, со уверување дека во понатамошниот период истата ќе се унапредува.

Притоа, генералот Ѓурчиновски на генералот Кристоферсен му додели високо армиско признание „Златна значка на Армијата“ во знак на благодарност за досегашната помош и поддршка, меѓу кои е последната голема донација составена од 76 неборбени моторни возила, која впрочем беше иницирана на една од претходните средби на двајцата генерали.

На работната средба со дел од клучниот персонал од Генералштабот, пред делегацијата од ВС на Кралството Норвешка се презентираа степен на трансформација и реформите во Армијата на Република Северна Македонија, актуелното учество и придонес во мисиите, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување на обука и вежби и учеството во заедничките активности на НАТО.

Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен проследија и показна вежба на припадниците на Баталјонот на специјални сили, а пред делегацијата беа изложени и дел од моторните возила кои беа добиени како воена донација од Кралството Норвешка, при што делегацијата беше запознаена со планот за нивно распоредување и активностите во кои ќе бидат употребувани.

Армијата и Министерство за одбрана имаат развиено одлични билатерални релации со ВС на Кралството Норвешка, кои се одвиваат на повеќе полиња како што се: стручно усовршување на офицери и подофицери за штабни должности, обука и размена на искуства во санитетска обука, односи со јавноста и друго.

Покрај моторните возила, Кралството Норвешка досега на Армијата на Република Северна Македонија ѝ донираше и софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, музички инструменти за потребите на Воениот оркестар и особено значајна е донацијата на Лесната маневарска полска болница.

Покрај ова со ВС на Кралството Норвешка наши хируршки и медицински тимови извршуваа задачи во рамките на мисијата „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан, кои беа дел од персоналот во норвешката полска болница со улога 2.