До рубриката „Ти си твојот град“ граѓани секојдневно испраќаат информации и слики кои сведочат за ниското ниво на совесност и однос кон урбаните содржини кои се за општо добро на целата заедница.
Последен таков пример е со откорнатите бекатон плочи на плоштадот кај Мини маркет.
Граѓаните на објавата на оваа информација реагираат со коментари дека тој простор со години наназад се девастира. Плоштадот беше пуштен во употреба во септември 2015година.
На површина од 970м2 го красат две фонтани и мал амфитеатар. Поголемата фонтана е оплеменета со мозаик наречен „Четири рајски реки“, дело на охридскиот уметник Никола Упевче. За 6 и пол години сликата е тажна. Откорнати клупи, уништени фонтани, искршени бекатон плочи, исушени дрвца.
Дел од граѓаните коментираат дека на тој простор дивеат по цела ноќ скејтери, нема ред и мир бидејќи нема полиција.
Катастрофа, мајките со мали деца не можат на раат да поседат на клупите (бидејќи е небезбедно) кои во меѓувреме беа откорнати од скејтерите бидејќи си правеа платформи за нивните перформанси – коментира охриѓанка.
Дали толку бил квалитетот или толку е совеста на граѓаните? – прашува друга граѓанка.
Изведбата е на високо ниво, но проблемот е недостаток на домашно воспитување – посочува друг граѓанин.
Со објаснување кон објавените слики и еден охриѓанец кој според коментарот е скејтер.
Овие ступчињата се остатоци од скокална и се намерно оставени вака искршени затоа што 100 пати со нив имаме направено скокална за скејтборд како иновација и 100 пати ни ја кршат – вели тој.
Еден граѓанин со идеа локалната да го модифицира плоштадчето во скејт парк и онака претежно тоа се случува на него.
Но, станарите на зградите на тој потег не би се согласиле со него. Тие бараат локалната самоуправа да ги санира оштетувањата, просторот хортикултурно да се уреди со повеќе зеленило и да се одржува поредовно хигиената, а полицијата да биде поажурна во спречување на вандалското однесување.
Денеска на плоштадот, по објавата на „Ти си твојот град“, лица од локалната самоуправа вршеа увид, а екипи од јавните претпријатија санираа одредени оштетувања. Побаравме информација од локалната самоуправа, кога ќе започне санирање на плоштадот и од колкав обем ќе бидат зафатите, но до затворањето на дневникот, не добивме одговор.