Дали завршната сметка на јавните претпријатија ја прикажува нивната вистинска кондиција

Пет јавни претпријатија минатата година ја завршиле со добивка, а само Охридски Комуналец во завршната сметка прикажало загуба. Дали добивката која ја прикажале јавните претпријатија ја одразува нивната вистинска кондиција или влијаеле субвенциите кои ги добиваат од општината, кажа координаторката на советничката група на СДСМ и Коалицијата на денешната седница на совет.

ЈП „Градски гробишта“ прикажало добивка од 1,7 мил ден, но примило субвенции од општината од 6,2 мил денари. ЈП Водовод прикажало добивка од 4,7 мил ден, општината на ова претпријатие му дала 16 мил. ден субвенции, дополнително влијание во резулататот на ова претпријатие има и цената на водата. ЈП „Градски пазар“ сите квартали бележеше загуби за на крај да прикаже добивка од скромни 60 000 ден, а добиле субвенции од 8,1 мил денари.
Доколку не биле субвенциите од општината овие јавните претпријатија ќе ја завршеа годината со загуба. На ЈП Нискоградба субвенциите од општината не му го променило значајно работењето и постигнатите резултати, а ЈП Билjанини извори не примило дирекни субвенции. Најголемото јавно претпријатие Охридски Комуналец годината ја заврши со загуба од околу 37 мил денари, а добило најмалку субвенции односно 900 000 денари.
„ Јавните претпријатија, или најголем дел од нив живеат на грб на општината. Јавните претпријатија, за волја на вистината , никогаш не биле во топ форма, меѓутоа барем сами се бореле да егзистираат, да ги измируваат обврските и на некој начин и да можат во одреден домен и да се модернизираат. Субвенциите се нешто ново кое се случува откако дојде оваа локална власт, меѓутоа сметам дека субвенциите само ја пролонгираат агонијата на јавните претпријатија од една страна , а од друга даваат искривена слика на вистинската состојба, ги наталожуваат проблемите коишто од година во година стануваат се поголеми и спасот за ЈП во догледно време ќе биде невозможен. “ – кажа Живка Ангелоска – координаторка на советничка група СДСМ и Коалицијата.
Субвенциите се исплаќаат од Програмата на советот кој е основач на јавните претпријатија и тие за својата работа одговараат пред советниците и мора да бидат отчетни за начинот на кој тие пари се трошат, кажа советничката Ангелоска.
ЈП „Водовод„ две години со ред прикажува добивка, нешто што не се случувало десетици години наназад, кажа директорот Марјан Ристески и додаде дека добивката ќе била и поголема однсоно 26 мил денари доколку претпријатието не направело отпис на ненаплатени застарени побарувања, нешто што не било правено од 1998 год иако е законска обврска.
„Ова јавно претпријатие оваа година направи отпис на побарувања од 29,5 мил ден за годините 2001, 2002, 2003, 2004 та год и за сметка на тој отпис добивката е намалена од 26,5 мил на 7,3 мил пред оданочување односно 4,7 мил по оданочување. Тоа значи јавното претпријатие и да не ги добило субвенциите од 16 мил ден ќе беше во добивка 10 мил ден , а имајќи предвид дека оваа година ова јавно претпријатие исплати 11 мил дополнителни трошоци за електрична енергија нешто на кое јавното претпријатие не може да води никаква политика. И уште еден податок ќе ви кажам , зголемувањето на минималната плата во март предизвика дополнителни трошоци во висина од 6 мил денари. “ – кажа Марјан Ристески – директор ЈП „Водовод“.
Не верувам дека ако не добивавте субвенции од општината дека комотно ќе правевте отпис на застарени побарувања, реплицираше Ангелоска и посочи дека за стабилност на долг рок мора да се работи на решавање на проблемите на претпријатието.
„Што ви значат завршни сметки со коишто ќе искажите добивка ако реалната состојба во ЈП е лоша? Токму јас од овде за вас Водовод имам толку многу зборувано да се вложат средства во модернизација , да се намали загубата на вода. Ова ЈП и Охрид има голема штета од загубата на вода, а таа штета е токму причина за поскапување на водата.“ – кажа Ангелоска.
Ристески обелодени дека ЈП Водовод заедно со локалната работи на проекти кои ќе придонесат за намалување на загубата на вода, при што во наредниот период, најмногу за една година ќе бидат инвестирани 200 мил денари.
„Постапката за реконструкција на пумпната станица во Метропол е во завршна фаза односно понеделник или вторник ќе се избира изведувач и на која што во октомври ќе се пристапки кон целосна реконструкција, проект од околу 40 мил ден. Вториот проект којшто исто така е стигнат до избор на изведувач е за промена на водоводната линија од потег на раскрсницата на Железничка до Леарница. Проектот е околу 30 мил ден. Третиот проект којшто исто е во фаза на тендерирање, а оди преку МЖСПП е во висина од околу 1 мил евра е промена на водомерите односно софтвер за далечинско отчитување нешто што значително ќе ни помогне во делот на загубата на вода. И уште еден проект кој е аплициран а тоа е целосен мониторинг систем на целиот водоводен систем.“ – кажа Ристески.
Директорот на ЈП „Градски Гробишта“ кажа дека добивката од 1,7 мил не ја отсликува реалната состојба на претпријатието. Тешко и сложено е во услови на поскапена струја, репроматеријали и зголемен минималец да се работи, рече Тренески и додаде дека субвенциите биле наменети за осовременување на градежната оператива, односно претпријатието за прв пат купило возило за ефикасно извршување на работните налози од општината, но и за решавање на еден проблем стар 13 години.
„Почитувани советници сега треба да слушнете една вистина на која јас како директор во изминативе 4-5 месеци сме изложени а тоа е пристигнати извршни решенија во износ од 11 мил денари наследени од децении наназад од старото претпријатие Погребални услуги доспеани се обврските и луѓето треба да си ги добијат своите пари. ….Еден износ од тие субвенции од 2 мил денари е наменет за исплата по основ на извршните решенија. Се сложувам дека добивката не отсликува розева слика на ова претпријатие, но никако нема да се помирам со тоа дека сме далеку од домаќинско и професионално менаџирање. Ќе ги видите ставките за репрезенатција, за бензин дека се нула.“ – кажа Драган Тренески – директор ЈП „Градски Гробишта“
Охридски Комуналец има зголемена наплата од физички и правни лица, а извршено е и ажурирање на над 230 000 м2 кај домаќинства и правни лица со што дополнително се зголемува наплатата, кажа директорот Саше Најдески. Потенцира дека причина за загубата не е недомаќинско и несовесно работење.
„Загубата на претпријатието е поради следните две причини, по основ на зголемени трошоци за плата на ЈП поради зголемување на минималецот во 2024 споредено со 2023 се зголемени за 16 мил денари, и втората ставка надоместокот за јавна чистота предходно се книжеше како приход на јавното претпријатие меѓутоа согласно закон не е така, и овај надоместок не е евидентиран како приход. Надоместокот за јавна чистота годишно е околу 21 мил ден.“ – кажа Саше Најдески – ЈП „Охридски Комуналец “.
По излагањето на директорите на дел од ЈП советничката Ангелоска кажа дека нејзината критика не е лична кон менаџерите туку во насока на сериозно сфаќање на проблемите на претпријатијата и дека субвенциите не се решение на долг рок.
Мнозинството во советот ги усвои Извештаите на јавните претпријатија за работењето и остварените резултати во 2024 година.
Latest Охрид
