Skip to main content

Денеска во охридската градска библиотека беше промовиран романот „Самовилата со скршени крилја“ од Лили Бошевска

Настанот е дел од програмата на Општина Охрид „Културата расте со децата“.
 |  инфодеск  | 

Романот „Самовилата со скршени крилја“ од Лили Бошевска денеска беше промовиран со литературно уметнички настан во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Познатата македонска писателка Бошевска во книгата ги отвора вратите на магичниот свет на самовилите и ни покажува дека добрината, љубовта и вербата во себе секогаш можат да најдат пат до победата.

„ Се зборува пред се за отфрлањето на оние деца кои се уметнички талентирани, кои имаат предиспозиции за уметност, било да е тоа ликовна, музичка, а од некоја страна родителите им велат „биди лекар, биди инжинер“ нешто поконкретно, попрофитабилно, меѓутоа тие деца се чувствуваат повредени. Ликовите во книгата се самовили на кои им е одземена таа моќ да бидат уметници и со скршени крилја продолжуваат да се борат во животот и секако да творат бидејќи она што сите го имаме како некое внатрешно богатство, духовно богатство не може да се скрие, не може да се уништи, едноставно треба да се негува и токму тоа е и апелот на оваа книга и до наставниците, библиотекарите, до родителите да ги остават децата да ги раскрилат своите крилја и да летаат онаму каде посакуваат. “ – вели писателката.

Настанот е дел од програмата на Општина Охрид „Културата расте со децата“ и на него присуствуваа ученици и библиотекари од сите основни училишта во градот. Писателката Бошевска се заблагодари што Општината го препозна значењето на промовирање на читачката култура кај најмладите.

„Децата можеби се навикнати на побрзи информации, некако немаат време, поточно немаат трпение да седат и да читаат, меѓутоа со наша сесрдна работа и залагање можеме да ја развиеме љубовта кон книгата и учениците едноставно, децата воопшто, да сакаат да читаат книги бидејќи кога како деца ќе се навикнат да читаат книги таа љубов останува вечно. Затоа апелирам и до училишните библиотекари што повеќе да прават вакви активности за поттикнување на читањето кај учениците.– вели Бошевска.

Бошевска потенцира дека соработката со библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид и претставува задоволство бидејќи авторите препознаваат квалитетна библиотека којашто вложува во книжевниот фонд, просторните услови и организира разни настани и промоции за своите читатели. Општина Охрид на сите училишни библиотеки ќе донира комплети книги од творештвото на Лили Бошевска.