Зелената училница во НП Галичица повторно затрупана со ѓубре
Веднаш до канцелариите на Националниот парк Галичица, во склоп на Едукативната патека “Галичица на дланка”, се наоѓа Зелената училница, место за одмор и спроведување еколошка едукација со најмладите охриѓанчиња кои учат за природата и живиот свет во националниот парк. Оваа локација која претставува и собиралиште на млади луѓе, со години се затрупува со отпадоци како амбалажа од пијалоци и храна, отпушоци, пластичен отпад. Проблемот постојано беше актуелизиран од националниот парк, од еколошки здруженија и активисти кои апелираа да не се фрлаат отпадоци, бараа поставување повеќе садови за одлагање отпад и воедно организираа акции за чистење на местото. Но навиките на несовесните граѓани никако да се искоренат.
-Во пролетно-летниот период работилниците за деца ги спроведуваме токму овде, но со оглед на малиот капацитет на установата, овие девијантни појави ни ја отежнуваат работата, па некогаш сме принудени работилниците да ги спроведиме во затворен простор, велат од НП Галичица.
Изминатата година беа поставени осветлување и видео надзор, но од НП Галичица велат дека за брзо сето тоа било уништено.
– Во рамки на еколошката едукација постојано им посочуваме на младите генерации како треба да се однесуваме во природа, но оваа слика остава впечаток дека не ни е доволно важно за природата околу нас, велат од установата.
Оттаму прашуваат зошто вака и возвраќаме на природата, и порачуваат дека ГРИЖАТА ЗА ПАРКОТ Е ЗАЕДНИЧКА ОБВРСКА !