Skip to main content

Левица Охрид денеска потсети дека спомен плочата од НОБ сѐ уште не е вратена

Од охридскиот огранок на Левица уште еднаш ги повикаа сите надлежени да ги преземат сите мерки и итно да ја вратат на старото место на ул „Димитар Влахов“ спомен плочата од НОБ.
 |  Маја Савиќ  | 

Охридскиот огранок на Левица денеска потсети дека спомен плочата од НОБ се уште не е вратена на старото место на ул „Димитар Влахов“. Зошто во Охрид е отстранета и последната спомен плоча од НОБ? Кому во Охрид му пречи антифашистичката борба на македонскиот народ, прашаа од Левица.

„Овде до пред извесно време се наоѓаше препознатливата бела куќа во која на 26-ти и 27-ми ноември 1941 година беа осудени неколкумина комунисти со смртна казна и казна затвор. Оваа куќа требаше да биде реконструирана, но за жал целосно е збришана. Градежниот инспектор донесе решение за отстранување на нелегалната доизградба на објектот, но работите на терен продолжија. На ова место, до пред неколку недели постоеше спомен плоча од НОБ, сведок на почетокот на антифашистичката борба на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор. Овде Нефи го сруши АСНОМ.

И покрај бурните реакции на охриѓани, до денес ниту Општина Охрид , ниту градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков  не излегоа со осуда на овој вандалски чин. 

Кому и зошто во Охрид му пречи антифашистичката борба на македонскиот народ  против бугарскиот фашистички окупатор? Зошто во Охрид е отстранета и последната спомен плоча од НОБ? “ – кажа денеска на прес конференција Виолета Аврамоска, советничка во Советот на Општина Охрид од партијата Левица.

Од охридскиот огранок на Левица ги повикаа сите надлежени да ги преземат сите мерки и итно да ја вратат на старото место на ул „Димитар Влахов“ спомен плочата од НОБ.