Skip to main content

Локалната максимално ќе се ангажира за достојно одбележување на Водици

И покрај тоа што сеуште има време до одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески не седи со скрстени раце. Тој најави дека и оваа година активно ќе бидат вклучени во организација на активностите за празникот Водици, со цел тој да помине онака како што доликува на православните христијански обичаи но и во насока на промоција на нов квалитет на туристичката презентација на градот Охрид.

 |  Билјана Николоска  | 

Традицијата која го афирмира празникот, христијанските вредности, но и градот Охрид,  продолжува. Општина Охрид како што и во изминатите години активно беше вклучена и ги поддржуваше сите активности за празникот Богојавление – Водици, така и годинава со сите свои ресурси и материјални и човечки  ќе учествува во организацијата, како што истакна првиот човек на градот Никола Бакрачески.

„Градот Охрид како и минатите години ќе биде активно вклучен во организации на сите оние  активности манифестации и програми кои што ги предвидувавме како минатите години така и од оваа година и во иднина, со максимална поддршка финансиска материјална и човечка и кадрови ресурси се со цел празникот да помине онака како што доликува пред се и на православните христијански обичаи исекако во насока на промоција на нов квалитет на туристичката презентација на градот Охрид.- Никола Бакрачески–градоначалник на Охрид

Бакрачески вели дека Локалната самоуправа како институција мора да се грижи и за двата одвоени аспекти на одбележување на празникот Богојавление, и духовниот и она што значи туристичка промоција на градот. Според граѓаните организацијата на празникот Богојавление – Водици треба да ја преземе МПЦ. При тоа изразуваат задоволство што здружението Богојавление се откажаа од организацијата на оваа црковно народна манифестација.

„Јас мислам дека тоа си е работа на МПЦ. ие треба да си ја преземат организацијата и тоа не е мала работа. Може општината да преземе активности, да помогне, но главното треба да биде на црквата.“- вели една наша сограѓанка.

„Празникот Богојавление е многу значаен во православниот свет, посебно кај нас и во организацијата треба да се инволвира црквата, МПЦ преку Дебарско-кичевската епархија. Може да има и пропратни содржини кои би ги организирала локалната самоуправа“ -сметадруг наш сограѓанин.

„МПЦ, никој друг“ – дециден е еден постар охриѓанец.

Бакрачески пренесе дека во овој период не направиле непосредни контакти со претставниците на МПЦ, но тоа ќе го направат во периодот што следи, со цел благовремено да можат да ги предвидат и планираат активностите кои што треба да ги реализираат во очи на празникот. Тој категоричен дека максимално ќе се посветат за достојна организација на празникот, како во црковниот така и во делот на промоција на празникот како туристичка вредност на градот Охрид.