Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ започнува со подкастот „Гимназиски муабети“
Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид ја најавува својата нова иницијатива – ученичкиот подкаст „Гимназиски муабети“, кој има за цел да создаде простор каде младите отворено ќе зборуваат за теми што ги засегаат учениците и заедницата.
„Гимназиски муабети“ е платформа преку која учениците ќе ги споделуваат своите ставови, искуства и идеи, а воедно ќе поттикнуваат критичко размислување, активизам и позитивни промени во училиштето и пошироко. Подкастот ќе обработува теми како што се: ученички права, ментално здравје, образование, младинско учество, предизвици на младите, култура, волонтерство, како и разговори со интересни гости од локалната заедница.
Преку овој проект, Младинската заедница сака да ја зајакне комуникацијата меѓу учениците и да им даде глас на младите, но и да покаже дека учениците можат креативно и одговорно да придонесуваат во јавниот живот.
-Со „Гимназиски муабети“ сакаме да создадеме место каде учениците ќе зборуваат слободно, искрено и храбро. Нашата цел е да ги отвориме важните прашања за младите, да поттикнеме дијалог и да покажеме дека ученичкиот глас има вредност и влијание, вели претседателот на Младинската заедница, Иво Георгиески.
Подкастот е во иницијална фаза на подготовка, а Младинската заедница во моментов е во потрага по водител на „Гимназиски муабети“. Тие ги охрабруваат сите гимназијалци кои сакаат јавно говорење, новинарство, комуникација и креативна работа да се пријават и да станат дел од овој ученички медиум. Првите епизоди се очекуваат наскоро преку онлајн платформите на Младинската заедницa