„Новогодишен сон“ на Црвен Крст Охрид ги собра децата на плоштад со хумана цел
Музика, игра и насмеани детски лица. Ваква беше атмосферата денеска на пладне на плоштадот Крушевска република во Охрид. Голем број граѓани со своите деца го посетија хуманитарниот настан „Новогодишен сон“ кој го организира Црвен Крст Охрид во соработка со општината.

„Последниот месец од оваа година, месец декември или како што ние го нарекуваме месец на дарување, Црвен крст Охрид секоја година организира новогодишен базар којшто оваа година го организираме со локалната самоуправа се со цел да ја поттикнеме креативноста, солидарноста, хуманоста кај најмладите, затоа се сите основни училишта вклучени со нивни изработки , украси кои ќе бидат овде продавани хуманитарно.“ – изјави претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.


Охридските училишта се одзваа на повикот на Црвениот крст и се претставија на штандовите со новогодишни украси, честитки и колачи изработени од вредните ученици, од најмалите основци до средношколците од угостителското училиште. Според нивните наставници ваквите настани им ја доближуваат на децата вистинската магија на празниците, а тоа е дарувањето, емпатијата и солидарноста.

„Одличен предновогодишен базар на учениците од основните училишта од Охрид . Креативни, вредни, инспиративни. Овие ведри млади деца навистина можат да понесат преубави пораки новогодишни кои ќе ги испратиме до сите деца од целиот свет.“ – изјави Валентина Рубаноска, директорка на ОУ „Св Наум Охридски“ – Пештани
„Посебно е задоволството што тука на едно место сме собрани ученици, наставници, родители и сите поддржувачи на овај настан од хуманитарен карактер. Треба да се практикуваат вакви настани и понатаму не само во чест на Нова Година. Навистина прекрасна глетка, весело расположение. “ – изјави Валентина Кузманоска од ОУ „Св Климент Охридски“ Охрид.
Средствата собрани од оваа хуманитарна продажна акција ќе бидат наменети за разубавување на Новогодишните празници на социјално загрозените семејства во Охрид.
„ Како Клуб на млади донесовме многу производи кои ги направивме во соработка со Клубот на пензионери. Со собраните финансиски средства ќе пробаме да придонесеме на некој начин за деца од социјално загрозени семејства. Или ќе направиме пакети , можеби ќе одиме да им купиме нешто што им е неопходно. – изјави Лина Јоноска, волонтерка Црвен Крст Охрид

Во забавниот дел од настанот, со музички точки и кореографии во духот на претстојните празници настапија второ и трето одделенците, а на задоволство на најмалите охриѓанчиња на забавата присутен беше и Дедо Мраз кој подели подароци.



