Skip to main content

Од некогаш атрактивниот авто-камп „Андон Дуков“ само сеќавање

Сместен на самиот брег на Охридското езеро, некогаш атрактивниот авто-камп „Андон Дуков“ со години е целосно запуштен. Поголем дел од камп приколките и бунгаловите се уништени, од ресторанот останала само руина, а распаднат е и објектот на некогашниот хотел „Меркур“ кој е сместен на таа локација. Хигиената во кампот е сосема друга приказна.

 |   | 

Распослан на површина од 30 хектари, некогаш еден од најатрактивните авто-кампови на охридската ривиера, авто-кампот „Андон Дуков“ сега е во очајна состојба. Во уште полоша состоба е и објектот на некогашниот хотел „Меркур“ кој фактички е руина. Со улично осветлување кое речиси и да не функционира и хигиена во кампот која е под секое достоинство, овој некогаш атрактивен туристички објект сега е само сенка на она што некогаш претставувал.

Рака на срце се правеа обиди да се реши и урбанизира овој атрактивен дел од охридското крајбрежје, па така пред помалку од две години беше донесена одлука од страна на Советот на Општина Охрид, авто кампот да се урбанизира за да може да се донесе урбанистичко планска документација со која што потоа истиот ќе се уреди, но ситуацијата останува иста.

Пред две години од страна на охридските советници беше усвоена предлог одлуката за прифаќање на иницијатива за изработка на урбанистички план за овој атрактивен локалитет. Согласно основниот урбанистички план кој бил донесен во 80 тите на оваа локација била предвидена изградба на резиденцијални објекти. Но поради измените на законска регулатива, сеуште за оваа локација нема никаква урбанистичка планска документација.

Уште тогаш од Локалната самоуправа објасниа дека голем дел од земјиштето на е вратено со денационализација и дека би било тешко изводливо во таа зона државата и градот да преземаат активности со кои може да се реализираат некои големи зафати. Исто така изостана и интересот на бизнис заедницата да инвестира па така додека судбината на земјиштето и кампот остана заглавена во институционалните лавиринти, од овој некогаш бисер на охридскиот туризам остана само сеќавање.