Skip to main content

Охриѓани загрижени дека садењето на палмите ќе значи сеча на постоечките многулетни дрва

Според локалната нема место за паника. Граѓаните со различни мислења околу тоа колку палмите одговараат на имиџот на градот. 

 |  Мишел Наумоски  | 
palmi

Дали садењето на палмите покрај кејот ќе значи и отстранување на автохтоните дрва во нивна непосредна близина? Охриѓани загрижени дека лошо им се пишува на многулетните дрва во чија непосредна близина се засадени егзотичните палми, особено на потегот од Центарот за обука на вода накај плажите. Оваа дилема во вид на пратеничко прашање беше актуелизирана и од страна на пратеничката Лилјана Попоска од партијата ДОМ. Таа го запраша заменик министерот за животна средина дали повеќегодишните стебла ќе се сечат за да се заменат со палми и за да се претвори Македонија во земја на палмите. На ова прашање таа не доби одговор. Охриѓани стравуваат токму од ваква судбина на автохтоните дрвја. Од локалната самоуправа, смируваат.

palmi kej„Палмите кои се посадени на одредени површини во градот се проект на Владата на Република Македонија кој се реализира преку ЈП „Македонски шуми“. Палмите се посадени од стручни лица на соодветно одбрани локации и нема простор за загриженост дека на сметка на тоа ќе се сечат други дрва.“

Од локалната воедно додаваат дека грижата за одржувањето на парковите и јавните зелени површини во општина Охрид е на ЈП „Охридски комуналец“ вклучувајќи ги тука и новите садници од палми. Што се однесува пак до изборот на палмите како решение за охридските зелени површини, охриѓани со мислење:

palmi proekt„Убаво е, не знам.“

„Јас мислам дека не е лошо, сега баш ги гледаме, добро е.“

„Мене палмата ме асоцира на море, овде според мене е малку поинаку, јас би го одржувала тој стар стил, тоа што било некогаш, тоа ми се допаѓа овде во Македонија. Тој старински стил што бил некогаш би го зачувала и не би дозволила да се уништува.“

„Ние сме родени охриѓани и го сакаме Охрид секаков, и се што е ново е убаво.“

„Одлично, супер, зошто да не, и палми. Медитерански ќе делува градот, заслужува, убаво е.“

sadnici palmiДеновиве Охрид доби влакнести палми кои растат и до 4 метри висина. Ова не е прв пат во Охрид да се садат палми. Досега во неколку наврати зелените површини биле збогатувани со вакво егзотично дрво, но неадекватната заштита и студот го направија своето па добар дел од нив и се исушија. Токму на ова во неколку наврати реагираа и еколозите тврдејќи дека палмата како неавтохтоно дрво тешко успева во нашата континентална клима, а притоа и го загрозува опстанокот на автохтоните дрва.

Според експертите кои ги консултирала Владата пак, овие палми можеле да опстојат и на ниски температури само требало локалните самоуправи да ги следат временските услови и навремено да ги заштитат од студот. Се обидовме да дознаеме како охридското комунално претпријатие ќе ги заштитува садниците но од таму ни кажа дека сеуште не добиле насоки ниту налог дека треба да се грижат за палмите.