Skip to main content

Водици 2023

Охриѓанецот Довлев е фаќач на крстот

Силниот јужен ветар и високите бранови не ги попречија верниците да скокнат по светиот крст. Исто така, силниот ветер не ги спречи охриѓани и гостите да присуствуваат на манифестацијата.
 |  Валентина Неловска  | 

Васко Довлев е среќниот фаќач на крстот во Охрид. Деветнаесегодишниот Довелев, од Варош, за прв пат го фаќа крстот. Вели дека од многу мал скока по крстот на Богојавление во водите на езерото. Споделува дека е многу убаво чувството кое го има денес на овој свет ден.

„Претчувствував дека крстот е за мене. Едноставно ми дојде до раце, чувствував дека е за мене. Падна до мене и само ја пуштив раката. Јас едноставно чувствував, со верба во Бога, одев во црква и постев. Кога ќе имаш верба во Бог се ќе дојде, а најважно од се се здравјето, среќата и љубовта како за мене така и за сите луѓе“, кажа Довлев.

Бројни капачи скокаа по светиот крст на Водици 2023, на годинешното осветување на водите на Охридското езеро. Владиката Тимотеј и црковните великодостојници по одслужувањето на светата утринска литургија во охридските храмови ги осветија водите на езерото, а на чинот присуствуваа голем број охриѓани и гости. Празникот Богојавление го честита охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. Упати порака до фаќачот на крстот и до сите верници од православна вероисповед.

На фаќачот на крстот му посакувам да има успешна година како сите негови претходници. Се надевам дека уште многу години ќе успееме во ваква форма да го празнуваме Водици кој за охриѓани е еден од најголемите празници. Најважната работа е што годинава го прославивме празникот во услови на голем јужен ветар и бран“, кажа Пецаков.

Празнувањето на народно-црковната манифестација продолжи на градскиот плоштад со музичка забава за која се погрижија членовите на групата Чалгија саунд систем. Локалната самоуправа се погрижи и за пригодни подaроци за Васко Довлев, годинешниот фаќач на крстот.